Утре со почеток во 11 часот во водите на Охридското Езеро ќе се одржи 39-то издание на Охридскиот пливачки маратон. Шестанесет пливачи ќе ја пливаат добро познатата патека „Климе Савин“ во должина од 25 километри, со старт од Свети Наум и финиш на Кеј Македонија.
На овогодинешниот пливачки маратон учествуваат 16 пливачи од 8 држави, и тоа од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина. Од нив 11 пливачи се во машка категорија и 5 пливачи во женска категорија. Вкупниот награден фонд на овогодишната манифестација изнесува 15.000 долари. Ја користам приликата да ги поканам утре сите заедно да го проследиме маратонот и заедно да учествуваме во испишувањето на уште една страница од историјата на Охридскиот пливачки маратон и да ја продолжиме традицијата започната во далечната 1962 година. На пливачите им посакувам мирно езеро и успех, рече Ристе Јанкоски, координатор на организациониот одбор на Охридскиот пливачки маратон, на денешната одржана прес конференција.

Маратонот е круна на нашата летна сезона и силен симбол на нашата отвореност кон светот. На сите пливачи кои утре ќе се соочат со маратонскиот предизвик, а се 16 на број, им посакувам мирно езеро, добра енергија и фер трка. За мене лично и верувам и за многумина, секој што ќе го исплива овој вистински спортски подвиг е веќе победник. Посакувам утрешниот ден за сите нас да помине во знакот на гордоста и заедништвото. Да ни е успешен и незаборавен 39-тиот Охридски пливачки маратон, посочи Пецаков.

Наредната година претстои 40-годишен јубилеј. Локалната самоуправа заедно со Министерството за спорт, ќе се погрижи маратонот да оди уште едно ниво повисоко, како организационо, така и во однос на наградниот фонд, едноставно повеќе од достоинствено. Заедно со директорот на трката и сите оние пливачки клубови коишто учествуваат во организација на пливачкиот маратон, Пливачката федерација на Македонија, ќе направиме повеќе од спектакуларно 40-то издание на Пливачкиот охридски маратон. Да ни е вечна традицијата, рече Пецаков.
На утрешниот маратон во машка конкуренција ќе настапат тројца македонски пливачи – Александар Илиевски, Петар Цеков и Леонид Мишевски. На стартот ќе бидат и Матеа Видовиќ од Србија, Умит Кемал Џенгиз од Турција, Филип Лакас од Канада, Италијанците Алесио Окипинти и Николо Ричарди, Шпанците Енеко Саезмиера и Даниел Понсе Хименез и Кристијано Карамело Сантос од Португалија.
Во женска конкуренција Македонија ќе ја претставува Росана Гошева, а ќе настапат и Елена Лионело од Италија, Милица Љубисављевиќ од Србија и Аргентинките Рита Ванеса Гарсија и Мајте Ајлен Пука.
Покровители на овој настан се Општина Охрид, Министерството за спорт и Претседателот на Република Македонија, технички организатор е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ од Охрид, а медиумски партнер OhridNews.
Н.С.Ј./Г.М.










