По повод Европската недела на мобилност од 16-22 септември, чија тема за 2013 година е „Чист воздух-ти си на потег“, општина Охрид, утрешниот ден, 19 септември, го прогласува за Ден без автомобили.
За таа цел, од локалната самоуправа ги повикуваат граѓаните масовно да се вклучат во оваа акција и барем еден ден во годината да стигнат на работните места без автомобили.
– Утре, оставете го автомобилот дома и уживајте во возење велосипед или пешачење, знаејќи дека ќе го направите вистинскиот потег за зачувување на чистиот воздух и чистата животна средина, порачуваат од локалната самоуправа.
Меѓународниот ден без автомобили во светот се одбележува од 2000 година. Целта е да се подигне јавната свест кај населението за заштита на животната средина и безбедноста во урбаниот сообраќај.
OhridNews