Правните лица – резиденти на РМ кои остваруваат добивка од вршење на дејност во земјата и странство или доколку станува збор за постојана деловна единица на странско правно лице која остварува добивка од вршење на дејност на територија на РМ, имаат обврска најдоцна до 28 февруари 2014 година да поднесат Даночен биланс за оданочување на непризнаени расходи (образец “ДБ“) до УЈП.
Даночен биланс за оданочување на непризнаени расходи (образец “ДБ“) немаат обврска да поднесат правните лица кои работат согласно Законот за сметководство на непрофитните организации, односно водат сметководство согласно Правилникот за сметководството на непрофитните организации и притоа вкупната вредност на имотот или годишниот приход е помал од 2.500 евра во денарска противвредност.
Буџетските корисници и единките корисници кои сметководството и деловните книги ги водат одделно по сметки, доставуваат само еден “ДБ“ во кој се искажуваат сумарно сите непризнаени расходи од одделните сметки.
Малите или микро трговци кои извршуваат стопанска дејност (освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри) и ако во 2013 година, од кој било извор оствариле вкупен приход не поголем од 3.000.000 денари на годишно ниво, или пак вкупен приход од 3.000.001 до 6.000.000 денари, и се определиле или сакаат да се определат за пресметување и плаќање на „годишен данок на вкупен приход“, имаат обврска до 28 февруари 2014 година да поднесат Даночен биланс на вкупен приход (образец “ДБ-ВП“) до УЈП.
По исклучок од горенаведениот рок – 28 февруари 2014 година, ако Годишната сметка до Централниот регистар се поднесува во електронска форма (задолжително или доброволно), Даночниот биланс за оданочување на непризнаени расходи и Даночниот биланс на вкупен приход до УЈП може да се поднесе најдоцна до 17 март 2014 (понеделник).
OhridNews