Утре од 12 часот во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана книгата „На иста адреса“ од aвторите Христина Деолска и Миле Ѓорѓијоски. Како што информираат од Библиотеката се работи за заедничка книга во која на еден спонтан начин се запишани поетски и афористички дела на обата автори.

На секоја песна од Деолска на следната страница, јас одговарам со афоризми. Книгата може да се доживее како разговор помеѓу поет и сатиричар, каде секој разговара на својот јазик. Во книгата има 39 песни и 195 афоризми. Христина на темата време ѝ приоѓа емотивно, тажно, рефлексивно, понекогаш навидум и со чувство на безнадежност. Од другата страна, јас со моите афоризми правам обид читателот да го вратам на земја, во реалниот свет. Тоа е свет кој не е баш најдобро место за живот, но може да се поднесе кога е обоен со иронија и сарказам, со сатиричен приод, после што ни останува насмевката, макар и горчлива, вели еден од авторите на ова необично дело и се чини прво во македонската литература Ѓорѓијоски.

Поетсата Деолска потенцира дека „разговорот“ меѓу стиховите и афоризмите и двата жанра ги облагородува и уште еднаш ја покажува во целата своја величественост магијата на зборот.

А фантазијата е неисцрпен бесконечен извор, особено под перата на оние кои живеат за литературата. Задоволството од конечниот облик кој го доби оваа книга е немерливо. И уште еднаш докажува дека уметноста не познава и не признава граници, додава таа.

Промоцијата ќе ја отвори директорката на Библиотеката Христина Трпеска, а промотори ќе бидат новинарот и публицист и познат афористичар Витомир Долински и Милчо Јованоски, виш библиотекар, новинар и публицист.

Претходно утре ќе се одржи и Сатиричната работилница за деца со Миле Ѓорѓијоски и Софија Ситновска

Наши гости ќе бидат ученици од ООУ „Св. Климент Охридски“. Тие слушаат афоризми и епиграми и инспирацијата од нив ќе треба да ја пренесат на цртежи. Истовремено ќе има простор заедно да се запознаат со глаголицата како писмо и заедно со ментор да го напишат своето име и презиме на глаголица, велат од НУ Библиотека „Григор Прличев“.

OhridNews