Утре – среда, НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ќе биде домаќин на литературно – уметничкиот настан „Самовилата со скршени крилја“. Всушност ќе се случи промоција на истоимениот роман од познатата македонска писателка Лили Бошевска од Битола.
Романот „Самовилата со скршени крилја“ на Лили Бошевска е вистинско патешествие низ еден имагинариум – свет каде што невозможноста не постои, а фантазијата ја води приказната. Оваа книга ги отвора вратите на магичниот свет на самовилите и ни покажува дека добрината, љубовта и вербата во себе секогаш можат да најдат пат до победата, ќе запише во рецензијата за романот Маја Митровска.
Бошевска, посочува, е искусен автор, кој знае како да допре до срцата на децата, а нивната енергија, искреност, живост и правичност ја инспирираат.
И токму тоа нè поврзува – желбата да го зачуваме детскиот дух, да ги раскажеме приказните со топлина и да поттикнеме верба во добрината. Со оваа книга, таа не само што создава еден магичен свет, туку и нè учи дека секој од нас, без разлика на пречките, може да ги најде своите крилја и да продолжи да лета, додава Митровска.
Настанот е дел од програмата на Општина Охрид „Културата расте со децата“ и на него се поканети ученици и библиотекари од сите основни училишта во градот.
Утре, Општината на сите училишни библиотеки ќе им донира книги од авторката Лили Бошевска.
OhridNews













