Утре на градскиот плоштад ќе се одржи уште една голема собирна акција со забавна програма во рамки на големата хуманитарна акција „Пакетчиња за сите дечиња“.
Ги покануваме сите да дојдат да донираат за главниот настан кој годинава за првпат ќе се одржи на градскиот плоштад во Охрид. Целта на оваа акција за делење на пакетчиња е да се усреќат што повеќе дечиња пред се децата од семејства од социјален ризик на територијата на Охрид и околината за да ја почувствуваат магијата на Новата година и да се израдуваат, додава Wik Kakarotski, еден од иницијаторите.
Акцијата веќе е почната и екипата вчера делеше пакетчиња во Ресен, по што ќе бидат посетени и другите градови од југозападниот дел, Кичево, Струга, Македонски Брод…. за да на крај главниот настан се одржи во Охрид пред Нова година.
Досега имаме купено околу 700-800 пакетчиња и во план се уште 2000, што значи дека за годинава се планираат околу три илјади пакетчиња да бидат донирани. На 18 декември исто така имаше една забава на плоштадот, сега повторно на 25-ти со цел да им дадеме на нашите охриѓани колку што може повеќе, вели Kakarotski.
Годинава, додава, се малку поформални, локалната самоуправа им има отстапено простор во Касарната каде активистите организираат и други акции со цел да се соберат што повеќе средства за дечињата од цела Македонија.
Ова е трета година по ред како се организира акцијата „Пакетчиња за сите дечиња“ и досега во изминатите две години биле собрани и поделени 8,5 илјади пакетчиња, а со годинешните ќе се помине бројката од преку 10 илјади.
Инаку, иницијативата за делење пакетчиња ја почнале заедно со Никола Ристески спонтано со цел да се поделат пакетчиња на децата кои го посетувале „Часот на љубовта и другарството“, но откако било објавено на социјалните мрежи, иницијативата предизвикала голема заинтересираност и луѓето се вклучиле со своите донации.
Н.С.Ј.