Утре во Конгресниот центар на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Охрид започнува 47. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура кој ќе трае до 29 јуни 2014 година.
Во рамки на утрешното свечено отворање на семинарот ќе започне и 41. Меѓународна научна конференција за македонски јазик на тема „Македонскиот јазик, литература и култура во контекст на другите јазици, литератури и култури“, на која ќе учествуваат бројни странски и домашни македонисти, слависти и балканисти.
Според најавите, на Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, годинава ќе учествуваат над 60 учесници од САД, Канада, Финска, Белгија, Франција, Словенија, Србија, Хрватска, Бугарија, Турција, Унгарија, Албанија, Русија, Чешка, Полска, Словачка, Украина, Азербејџан, Кина и Јужна Кореа.
Наставата ќе се одвива со секојдневни активности на учесниците, насочени кон изучувањето на македонскиот јазик преку лекторски курсеви, поделени според степенот на познавање на јазикот. Оваа година во рамки на семинарот ќе биде одбележана 70-годишнината од официјализирањето на македонскиот јазик како службен јазик на Република Македонија, а дел од семинарот ќе биде посветен и на одбележувањето на 65-годишнината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Во вечерните часови на семинарската програма предвиден е термин за презентации, промоции и интерактивни настани со кои ќе се збогати научната и културната понуда за учесниците. Во рамките на овие термини ќе се промовираат најнови научни и книжевни изданија, ќе се овозможат средби со познати македонски автори, а ќе има и проекција на документарни филмови од областа на културата и етнологијата.
OhridNews