Утре со настапот на женскиот аматерски хор „ФРИДА“ од Скопје започнува културно-забавната манифестација „Вевчанско лето 2025“. Настанот ќе се одржи под водство на Сузана Турунџиева – вокален солист и музички педагог.

Отворањето е резервирано за емоции и хармонија. Оваа година манифестацијата ќе ја отвориме со женскиот аматерски хор „ФРИДА“ од Скопје. На нивниот репертоар ќе уживате во светски хитови од 60те, 70те и 80те, македонски евергрини и стари народни песни и госпел композиции и авторска химна, информира градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски.

Хорот е формиран во октомври 2023 година и за кратко време прерасна во симбол на ентузијазам, креативност и заедништво. Со две секции и преку 120 хористки со богато хорско искуство, „ФРИДА“ веќе има настапувано на големи културни и хуманитарни настани низ цела Македонија – од Скопско лето, Карпошово културно лето, хуманитарни концерти.

Вевчани повторно станува сцена на уметноста, музиката, театарот и традицијата! Во текот на јули и август, не очекуваат концерти, изложби, театарски претстави, хорски настапи, крос трка и многу други културни и забавни настани, додава Кочовски.

Настанот се одржува под покровителство на Општина Вевчани.

OhridNews