На 18.01.2020 (сабота) од 19-23 чaсот, на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.
- Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 6 степени, велат од Црвен крст Охрид.
Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел за почитување на следните препораки:
Со оглед на ниската температура на водата во Охридското езеро-кај пристаништето 6.5 степени, релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат за 19-ти јануари, околу 5 степени, северен ветар, се апелира за исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе влегуваат во водите на Охридското езеро:
- Да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем
- Оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат кратко (не подолго од 3 мин.)
- Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.
- Да не консумираат алкохол пред влегување во вода, а да земаат топли безалкохолни напитоци-чај
Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.
- Да носат обувки при влегувањето во вода
- Да имаат сува и топла облека по излегувањето од вода
За сите кои ќе бидат дел од настанот на градското пристаниште на копно се препорачува:
- да облечат повеќеслојна облека
- да консумираат топли безалкохолни напитоци-чај
Традиционалната крводарителска акција „Водици 2020“ под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СẺ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2020 (недела) од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија на сите кои ќе даруваат крв ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2020 (недела), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
На денот на рибарите на 20.01.2020 (понеделник), тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.
OhridNews












