Утре ќе се одржи ждрепката за утврдување на редоследот на кандидатите за локалните избори. Ждрепката ќе биде во 13 часот во седиштето на Државната изборна комисија.

Според статистиката добиена во Државната изборна комисија, вкупно потврдени листи за градоначалник на општините и Градот Скопје се 303, а за членови на советите на општините и советот на Град Скопје се потврдени вкупно 558 листи.

Четворица кандидати ќе ја водат битката во Охрид за градоначалничката функција, а потврдени се и 11 листи за членови на советот од кои 7 од партии и 4 независни листи.

Пет кандидати влегуваат во трка за градоначалник на Општина Дебрца. Во поглед на советничките листи поднесени се седум.

Во Струга, пак, се потврдени кандидатурите на девет кандидати за градоначалник и 10 листи за советници.

Локалните избори за градоначалници и советници во општините ќе се одржат на 19 октомври. Според роковникот објавен од Државната изборна комисија во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови согласно со членот 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.

Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите. Според ова изборната кампања за прв круг на гласање започнува на 29 септември во 00:00 часот и трае до 24:00 часот на 17 октомври.

Н.С.Ј.