Утре со почеток во 11 часот во водите на Охридското Езеро ќе се одржи 39-то издание на Охридскиот пливачки маратон. Шестанесет пливачи ќе ја пливаат добро познатата патека „Климе Савин“ во должина од 25 километри, со старт од Свети Наум и финиш на Кеј Македонија.

​На овогодинешниот пливачки маратон учествуваат 16 пливачи од 8 држави, и тоа од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина. Од нив 11 пливачи се во машка категорија и 5 пливачи во женска категорија. Вкупниот награден фонд на овогодишната манифестација изнесува 15.000 долари. Ја користам приликата да ги поканам утре сите заедно да го проследиме маратонот и заедно да учествуваме во испишувањето на уште една страница од историјата на Охридскиот пливачки маратон и да ја продолжиме традицијата започната во далечната 1962 година. На пливачите им посакувам мирно езеро и успех, рече Ристе Јанкоски, координатор на организациониот одбор на Охридскиот пливачки маратон, на денешната одржана прес конференција.

За Охрид овој маратон има непроценливо значење. Тој го става нашиот град на светската мапа како центар на спортскиот дух, ја пренесува нашата култура и гостопримство ширум светот и ја инспирира секоја нова генерација млади охриѓани да спортуваат, но и да ги надминуваат сопствените граници, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Маратонот е круна на нашата летна сезона и силен симбол на нашата отвореност кон светот. На сите пливачи кои утре ќе се соочат со маратонскиот предизвик, а се 16 на број, им посакувам мирно езеро, добра енергија и фер трка. ​За мене лично и верувам и за многумина, секој што ќе го исплива овој вистински спортски подвиг е веќе победник. Посакувам утрешниот ден за сите нас да помине во знакот на гордоста и заедништвото. Да ни е успешен и незаборавен 39-тиот Охридски пливачки маратон, посочи Пецаков.

​Како локална власт, додаде, во рамките на ингеренциите и можностите, како досега, така и отсега продолжуваат да го поддржуваат најголемото спортско случување на вода во државава. ​

Наредната година претстои 40-годишен јубилеј. Локалната самоуправа заедно со Министерството за спорт, ќе се погрижи маратонот да оди уште едно ниво повисоко, како организационо, така и во однос на наградниот фонд, едноставно повеќе од достоинствено. Заедно со директорот на трката и сите оние пливачки клубови коишто учествуваат во организација на пливачкиот маратон, Пливачката федерација на Македонија, ќе направиме повеќе од спектакуларно 40-то издание на Пливачкиот охридски маратон. Да ни е вечна традицијата, рече Пецаков.

На утрешниот маратон во машка конкуренција ќе настапат тројца македонски пливачи – Александар Илиевски, Петар Цеков и Леонид Мишевски. На стартот ќе бидат и Матеа Видовиќ од Србија, Умит Кемал Џенгиз од Турција, Филип Лакас од Канада, Италијанците Алесио Окипинти и Николо Ричарди, Шпанците Енеко Саезмиера и Даниел Понсе Хименез и Кристијано Карамело Сантос од Португалија.

Во женска конкуренција Македонија ќе ја претставува Росана Гошева, а ќе настапат и Елена Лионело од Италија, Милица Љубисављевиќ од Србија и Аргентинките Рита Ванеса Гарсија и Мајте Ајлен Пука.

Покровители на овој настан се Општина Охрид, Министерството за спорт и Претседателот на Република Македонија, технички организатор е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ од Охрид, а медиумски партнер OhridNews.

Н.С.Ј./Г.М.