Традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“ ќе се реализира утре. Целта на оваа акција, како што истакна на денешната прес конференција претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, е да се поттикне спортскиот дух кај младите, да се поттикне хуманоста, солидарноста.

Акцијата ќе започне во 11 часот утре со „главна трка“ на младите која е од ревијален карактер чиј старт ќе биде од Кеј Македонија-пред х. Палас, а цел на Кеј Македонија-пред Центар за култура „Григор Прличев“. На самата цел ќе бидат доделни награди кои ги поттикнуваат здравите животни навики. Потоа ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини кои ќе бидат на градскиот плоштад, на дел од кејот и пред градската библиотека. Ќе има фудбалски натпревари, ракомет, а сите кои сакаат да учествуваат треба да имаат учеснички број кој чини 50 денари. Тоа е хуманираниот дел од акцијата, со секој купен број може да се натпреваруваат, но и да бидат потенцијални добитници на една од вредните преку 30 награди за кои извлекувањето ќе биде на 27 октомври. Утре ќе понудиме и убаво сончево време, рече Точков.

Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, потенцираше, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца.

Магдалена Блажеска од Стоматолошки Центар Д-р Баткоски посочи дека и годинава ја продолжуваат традицијата на заедничка соработка за да се реализира овој настан, кој пред се е за најамлите, но има забава и за малку повозрасните.

Како Стоматолошки центар ја поддржуваме хуманитарната природа на настанот и заедно со нашите соработници и партнери „Виа Фарм“ аптеките и годинава подготвивме многу забава, награди, изненадувања и секако во духот на нашата Стоматолошка ординација подготвивме и совети за оралното здравје кое морам да истакнам дека е многу важно да се вкорени кај дечињата уште од најмала возраст, рече Блажеска.

Како новина оваа година од 14 часот на Градскиот плоштад „Климент Охридски“ ќе биде настанот Rock And Mob, посетителите ќе можат да уживаат во музичките изведби на охридските бендови „Камелеон“, „The Backdoor band“, „Urban Planet“ и „No Fun“.

Овој настан е по повод одбележувањето на Неделата на млади на Црвен крст која традиционално се одбележува во периодот од 1-ви до 7-ми октомври, а во рамки на истата Клубот на млади при Црвен крст Охрид го слави својот 29 роденден со организирање на настанот Rock And Mob. Овој хуманитарен настан не е само забава, туку и гест за поддршка, знак за љубов и доказ дека младите можат да создадат позитивни промени во своите заедници. Ајде сите заедно преку музика и дружба да испратиме порака за хуманост кој ќе одекнува подолго и од самиот настан, рече  Иво Георгиески од Клубот на млади при Црвен крст Охрид.

Акцијата „За посреќно детство“ се реализира по седумнаесетти пат.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска