Партиите засега ги кријат своите адути, а локалните лидери не сакаат да се истрчуваат со изјави пред да се договорат со централата во Скопје. Сепак, некои имиња веќе се вртат во јавноста, пишува „Утрински весник“. Во сторијата авторот Веле Митаноски прави анализа на можнитѕе кандидати за пратеник од најголемите политички партии, додека на терен се подготвува вистинска внатрепартиска битка.
Два спротивставени политички блока собрани околу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на претстојните претседателски и парламентарни избори ќе водат беспоштедна битка за привлекување гласачи во Охрид. СДСМ сака да положи поправен испит откако на последните локални избори го изгуби градоначалничкото место, додека пак, ВМРО-ДПМНЕ ќе сака да ја зацврсти и зголеми веќе стекнатата предност.
Градоначалничкото место е силен бастион за прибирање гласови, особено преку јавните претпријатија, општинската администрација и средното образование. ВМРО-ДПМНЕ го има, но од друга страна, може да му биде мал хендикеп апсењето на индискиот контроверзен бизнисмен Субрата Рој, кој најавуваше стотици милиони евра инвестиции во Охрид и во кого јавноста гледаше како на еден од факторите за победа на последните локални избори. Неутралните охриѓани, тоа го коментираат вака: „Дојде во вистинскиот – замина во најнепосакуваниот момент“. Нема сомнение дека противничкиот табор силно ќе нагази на активностите на Владата поврзани со Субрата Рој, особено што еден од најголемите поддржувачи, потпретседателот и министер за финасии, Зоран Ставрески е од охридското село Велмеј. Беше очекувано Ставрески да се најде на висока позиција на избирачката листа за 5. изборна единица, ако не и на самиот врв.
Не е помалку значаен и фактот што од охридскиот крај се многумина високо позиционирани личности во двата блока. Од ВМРО-ДПМНЕ, покрај Ставрески, по потекло од охридските села се и досегашниот прв парламентарец Трајко Вељаноски, потоа министерката Гордана Јанкулоска и други. Нормално е да се очекува нивно место на изборните листи, а во еден од нив се гледа и носителот на листата, заедно со министерот Иво Иваноски, кој е актуелен координатор на партијата во Охрид. На нов мандат претендираат и досегашниот пратеник Александар Николовски, како и актуелниот државен секретар Сашо Стефаноски, кому не случајно му се погоди да му го предаде на Охрид военото стрелиште за нова индустриска развојна фаза, а ја вети и касарната.
Нема сомнение дека Груевски ќе сака малку и да ја освежи листата со нови лица, што ќе ги бара во дамите, но и во некои личности кои, поради професионалната позиција – лица за контакт со јавноста веќе се присутни во медиумите што им обезбедува место во интерните партиски анкети. Меѓу претендентите од понежниот пол високо котира актуелната претседателка на градскиот совет Гордана Коњаноска. Се споменува и советничката Јованка Точко, а не треба да се испушти и името на претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.
Партискиот менаџмент мора да обезбеди барем две места и за кадрите од Струга, при што се споменуваат актуелната пратеничка Лилјана Затуроска и претседателот на локалното раководство Перо Петкоски. Со активностите на новиот градоначалник, како незаобиколиви се наметнаа и вевчанци, кои сигурно ќе добијат добитна комбинација. Се’ на се’, ВМРО-ДПМНЕ навистина има голем избор, но ќе треба да посвети големо внимание и поради фактот што изборните кампањи традиционално ги почнува од Охрид.
И додека во владеачката партија врие од кандидати, на прв поглед се чини дека во СДСМ не е така. Или се тие порелаксирани, или, пак е нешто друго во прашање. Тоа што на лидерот Заев му се дадени одврзани раце да ги избира општинските раководства, значи дека неговиот збор ќе биде последен. Во сдсмовскиот охридски табор нема испрофилирана личност што би се јавила како носител на 5. изборна единица, што им оди во прилог на битолчани, особено ако Заев ја смени досегашната практика – носител да испраќа од Скопје, што досега партијата го наоѓаше во ликот на битолчанецот по потекло, Јани Макрадули чии позиции во СДСМ се сега значително ослабнати.
Што се однесува до конкретните личности, неофицијалната, чаршиска понуда се сведува на претседателот на општинската организација, Тони Тунтев и на секретарот и член на Централниот Извршен одбор Ѓоко Танасоски. Од досегашните пратеници, можен е нов пласман на Митре Вељаноски, инаку човек од доверба на Бранко Црвенковски, за каков важи и актуелниот советник од ЛДП, уште и претседател на општинското раководство Дејан Блажески.
Самите либералдемократи, пак, немааат поддршка на теренот. Нивниот кандидат за градоначалник и нивната листа на претпоследните локални избори беа на ниво од некои 500 гласови, а и лидерот Андреј Жерновски, како носител на листа помина неславно во „петката“. Сепак, Блажески го сврте вниманието кон себе со честите пресови на локално и централно ниво, а во последно време и со жестокоста во критиките кон актуелното општинско раководство.
Непознаница останува учеството на жените. Се споменува само советничката во два мандата Оливија Пирузева, додека е малку веројатно дека советничката од НСДП, од заедничката листа, Верица Хајба би нашла место. Не само поради „тежината“ на нејзината партија, туку и поради очекуваниот потег на нивниот лидер, квотата од двајца-тројца пратенички мандати што би ја добиле, а би им ја одработиле од СДСМ, тој да ја потроши евентуално за себе и за своите лојални кадри кои и досега беа во парламентот. Место на листата ќе бараат и стружани, најверојатно првиот СДСМ-овец Даме Ложанкоски.
Партиите надвор од групациите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, иако на некој начин сепак се во нивните орбити, како што засега стојат работите, нема што да бараат и никој не очекува да откинат поголем залак од изборниот колач. Ако може да се говори за каква – таква изборна база, тоа би се однесувало на ВМРО-НП на Љупчо Георгиевски. Стевчо Јакимоски со неговиот ГРОМ формираше локално раководство, меѓутоа во јавноста нема никаква препознатливост. Тандемот Бучковски-Зиков, пак, и покрај обидите, не успеа да формира ниту локално раководство.
Што се однесува до партиите од албанскиот корпус, ниту досега се случило, ниту овој пат се очекува некој од Охрид да биде ставен на добитна комбинација. Имаат одредена поддршка, пред се’ ДПА на Тачи, но само до степен на резервен контингент кој може нешто да дополни на бројките што се бараат во Струга и селата во струшко, кои се силни конгломерати, речиси мали гратчиња од по над 10 илјади жители.
OhridNews
Извор:„Утрински весник“
автор:Веле Митаноски