Министерството за труд и социјална политика ги презентираше резултатите од спроведената Анализа на податоците од Посебниот регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија.

Најголем број на сторители се мажи, во најголем дел на возраст од 31-40 години.

“Карактеристично е ниското образовно ниво на сторителите:  21,4 %  се без образование, неписмени или делумно писмени, односно никогаш или повремено биле вклучени во воспитно–образовниот систем. Од осудените лица 46,7 % се со завршено основно образование, 27,9 %  се со завршено средно образование, но има и осудени лица со вишо и високо образование. 56,3% од нив биле невработени и дел од нив  се корисници на социјална помош,  6,7% се пензионери, а останатите биле вработени.”, истакна министерот Спиро Ристовски.

Повеќе од половина (56.3%) од сторителите имаат формирано брачна заедница,  35,9 % немаат формирано  брак, а 7,8% се разведени. 64%  од осудените лица се родители на едно или повеќе деца, а 8,7% од нив сексуално ги злоставувале сопствените деца.

Во просек против сторителите на сексуална злоупотреба најчесто изрекувана е казната затвор во траење од 4 години.

OhridNews