Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на синоќешната седница му ги предложи на Централниот комитет имињата на уште девет кандидати за градоначалници за престојните локални избори, по што тие се утврдени.
Најзвучно од овие имиња е на кандидатот за градоначалник на Општината Штип, Олчо Захариев, директор на Бирото за лекови. Во Велес за градоначалничката функција ќе се натпреварува, Славчо Чадиев, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Велес.
Александар Панов, досегашен градоначалник на Кавадарци, повторно ја доби довербата на своите сопартијци за уште еден мандат. Во Свети Николе, кандидат за градоначалничката должност е Зоран Тасев, претседател на локалнито огранок на ВМРО-ДПМНЕ-Свети Николе.
Во Струга, во жестока битка за функцијата градоначалник, влегува Владо Кочовски, специјалист хирург. Во Делчево, кандидат е Дарко Шехтански, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Делчево, а иста функција лидер на локалниот огранок на партијата, има и кандидатот за градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.
Највисоките партиски органи на владејачката партија за Богданци и за Општина Старо Нагоричане, решија да кандидираат претставници на коалиционите партнери, Анастасија Олумчева од партијата Демократски сојуз, односно Милован Стојковски од Демократска партија на Србите во Македонија
OhridNews
извор: „Макфакс“