Советот на Урбаната заедница 1 денеска преку соопштение се огради од вчерашниот протестен собир на граѓаните што се одржа пред зградата на поштата во врска со цената на паркинзите и организационата поставеност на сообраќајниците во Град Охрид.
-Имено Советот на УЗ 1 Стар град  се оградува од било какви  протести и собири организирани од страна на поединци и група на граѓани кои не се во склоп со делувањето на Советот на УЗ 1 а поготово,  ако тоа се однесува на прашања и проблеми кои  се со   политички мотиви и позадина и се надвор од границите во кои делува а за кои треба да одлучуваат надлежните служби и органи согласно своите надлежности, се вели во соопштението.

Инаку протестот, на кој имаше и граѓани од Стар град, официјално беше најавен како граѓански протест организиран од неименувано здружение на граѓани.
На протестот граѓаните од центарот на градот, но и институции, упатија критики за новиот режим на сообраќај и паркирање, особено на зголемената цена на паркингот. Тие побараа да се преиспита таквата одлука и да се изнајде друго решение, не исклучувајќи ја можноста и од порадикални протести, доколку тоа не биде направено.

Градоначалникот на Охрид Александар Петрески ги отфрли обвинувањата изнесени на протестот, кој според него бил со политичка позадина и организиран од ВМРО ДПМНЕ.
OhridNews