Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“. Посочуваат дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби.
За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување, велат од УЈП.
Дека не се укинува мерката „МојДДВ“ во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, објасни и директорката на Управа за јавни приходи, Елена Петрова.
За 2025 година, за секое тримесечје преку мерката се исплаќаат околу 14,5 милиони евра директно кон граѓаните и во просек 502.000 граѓани активно скенираат фискални сметки и добиваат поврат на средства во едно тримесечје, рече Петрова.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година. Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи, велат.
Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно.
OhridNews












