Фер и успешен туризам се гради со информирани туристички работници, почитување на законските обврски и еднакви правила за сите. Фер туризам започнува со пријавен доход. Ова беше посочено на денешната средба во Охрид реализирана од страна на стручен тим од Управата за јавни приходи во соработка со Општина Охрид со издавачите на вили, апартмани и соби, хотелиери, угостители, како и претставници на други дејности поврзани со туризмот.

Туристичкиот сектор е наш двигател на локалната економија и овој настан токму затоа има цел да ги информира сите даночни обврзници за навременото и точно пријавување на остварениот доход, како и да им даде навремена, точна информација како своите даночни обврски треба да ги подмират, рече заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.
Денес зборуваме за многу значајна соработка помеѓу институциите, како што е локалната самоуправа, УЈП и сите други надлежни институции, секако бизнис секторот. Она што е најважно е да се обезбеди фер туризам, лојална конкуренција, да ги отстраниме сите нелегални станоиздавачи, да се регулира плаќањето на доходот на сите оние кои закупуваат простор, дали се тоа станови, апартмани, вили, соби, вклучувајќи ги и оние кои издаваат преку интернет операторите простор во нашиот град. Особено е значајно да постои координирана и континуирана соработка помеѓу институциите, да имаме навремена информираност со цел да го развиваме бизнис секторот, затоа што туризмот е најзначајна алка во нашиот локален развој. Секако ни е важна фер и лојална конкуренција која ќе придонесе да се развива туристичкиот сектор како целина. Значи, Општина Охрид сака да биде атрактивна туристичка дестинација, меѓутоа и пример како еден одржлив, фер и уреден туристички систем треба да функционира, потенцираше Крстеска.

Целта значи на Управата не е да казнува, туку да ја поттикне нивната свест, да ги поттикне со плаќање на данокот директно да учествуваат во развојот на туризмот и другите јавни добра кои се од интерес за целото општество. Секако тоа е неопходно со меѓусебна соработка на институциите, како Управата за јавни приходи заедно со Општината Охрид од една страна, и од друга страна даночните обврзници, почнувајќи од домаќините на соби, апартмани, вили, исто така и хотелите, рестораните и другите угостителски објекти. Тука спаѓаат и сезонските работници и малите продавачи кои вршат дејност од времен карактер. Сите заедно да придонесеме да се создадат фер, еднакви услови за сите, да ја поттикнеме фер конкуренцијата и да ја сузбиеме сивата економија. Нашата Македонија има голем потенцијал, сите заедно треба да придонесеме, да вложуваме за развојот на туризмот и заедно да ја движиме локалната економија напред.
Додаде дека анализите за наплатата на данокот ќе бидат направени на крајот од сезоната.


Посебен дел од средбата беше посветен на ангажирањето лица во туристичката сезона, како што се: готвачи/ки, бармени/ки, собари/ки, рецепционери/ки, лица за чистење, одржување и други работни задачи.
На работодавачите им беше укажано дека доколку ангажираат физички лица за сезонска или повремена работа, до најмногу 180 дена во текот на една календарска година, работниот ангажман треба да биде формализиран и пријавен согласно Законот за работно ангажирање на лица. Со цел плаќање на данокот на личен доход и придонесите од задолжително социјално осигурување, работодавачите треба да обезбедат е-ПДД пресметка за данокот и МПИН пресметка за придонесите од Управата за јавни приходи преку нивните профили на системот е-даночни услуги.



Инаку, според регистерот од локалната самоуправа на територијата на Општина Охрид има околу 3.000 регистрирани станоиздавачи.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска
















