Премиерот Зоран Заев денеска најави дека вакцините против коронавирусот во земјава ќе пристигнат најверојатно во март следната година. Тој додаде дека државата има издвоено средства за набавка на вакцини и ќе си ги плати. Но, потенцира, ако станува збор за донација, тогаш ние со задоволство ќе ја прифатиме без разлика од некоја држава или пак од Унијата. Тој истакна дека се обезбедени и соодветни фрижидери за чување на вакцините. Ќе се води и јавна кампања за потребата од вакцинирање за да се вакцинираат поголем број граѓани за да се стопира ширењето на пандемијата. Вакцината, нагласи тој, нема да биде задолжителна, бидејќи секој граѓанин има право да одлучува за својот организам.
Целиот систем е врзан со КОВАКС системот. Кога ќе тргне вакцината, но, зборуваме за вакцинација на населението, а не за две илјади, пет илјади вакцини и да се натпреваруваме кој прв набавил. Колку доктори и сестри имаме ние само за вакцинирање, над 12-13 илјади се само медицинскиот персонал директно што работи на КОВИД, така што јас очекувам дека март ќе биде месецот на вакцинирањето, рече Заев во „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.

Заев најави дека ќе има и јавна кампања за вакцинирањето, со оглед на тоа што во јавноста има голема недоверба и резерва. Вакцинацијата, нагласи, нема да биде задолжителна но затоа преку кампања на јавноста ќе и се објаснува за нејзината важност. Тој, како што рече, низ личен пример е подготвен да покаже дека граѓаните не треба да стравуваат и најави дека ќе ја прими вакцината кога тие ќе пристигнат во земјава.
Мицкоски: Последни како земја ќе обезбедиме вакцини против коронавирусот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не го дели оптимизмот на премиерот. Смета дека како земја ќе бидеме последни во обезбедувањето вакцини против коронавирусот и дека додека Владата да набави вакцини се загрозува здравјето на граѓаните.
Јавноста треба да знае кога ќе дојдат тие вакцини, неколку дена го поставувам тоа прашање и никој не дава одговор. Значи нас помошта ќе ни дојде пред март. Идната недела почнуваат да се вакцинираат тие што сакаат нормално кај нашиот источен сосед. Веќе гледаме кај нашиот северен сосед почнаа да се вакцинираат, прашање на денови е кај нашиот јужен сосед кога ќе почнат, не знам кај нашиот западен сосед каква е ситуацијата, но гледам дека во светот масовно веќе почнуваат да се вакцинираат. Паметна, сериозна влада направила план, набавила вакцини и сега ги сервисира оние граѓани кои што сакаат да се вакцинираат. Ние правиме план пред март, за три месеци од денеска дека ќе дојде помошта од неколку илјади дози за неколку македонски граѓани, а од друга страна ни велат 800.000 ќе набавиме дози за 400.000 граѓани, рече Мицкоски вечерва во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа.

OhridNews











