Матие Валбуена, фудбалерот на Лион, прв пат проговорил за скандалот со секс снимката и потврдил дека Карим Бензема индиректно учествувал во изнудата. Валбуена рекол дека репрезентативниот колега индиректно му предложил да им плати на оние кои го уценуваа со секс снимката.

„Не беше агресивен и не зборуваше директно за парите. Но кога некој ќе инсистира да се сретнеш со некого, тоа нема да биде бесплатно. Луѓето не треба да ги третирате како идиоти, со тоа покажувате дека не ги почитувате“, рекол Валбуеа за  Le Monde, пренесува „Макфакс“.

Карим Бензема се наоѓа под истрага како учесник во изнудата на пари, но неговиот адвокат смета дека тој не е виновен.

„Многу сум разочаран, можам да кажам дека повеќе немам таков искрен однос со Карим. Јас тоа не би му го направил ниту на најголемиот непријател“, рекол Валбуена.

Играчот на Лион открил дека Бензема бил лут што неговото име се провлекува низ медиумите во врска со скандалот, најмногу поради ќерката, па поради тоа на Валбуена му говорел дека треба да ги негираат наводите.

„Стално се обидуваше да ми нагласи дека станува збор за опасни луѓе и дека најпаметно е да ми ги даде нивните броеви. Полицијата не бараше мој исказ во врска со Бензема, ми рекоа дека имаат доволно докази“, дополнил Валбуена.

Карим Бензема, наводно, на полицијата и признал дека бил посредник помеѓу Валбуена и еден од уценувачите, кој му бил другар од детството.

Овој скандал ја потресе и француската фудбалска репрезентација која ќе биде домаќин на наредното Европско првенство. Поради овој скандал, францускиот селектор, не ги повика во репрезентацијата Бензема и Валбуена за пријателските натпревари кои Франција пред две недели ги одигра против Германија и Англија. 

Ohridnews