Нова валкана кампања започна во Охрид која сериозно се заканува да го урне ионака разнишаниот углед на градот. По серијата скандалозни и вулгарни кампањи, навреди и дискредитации подготвени во партиските кујни на медиумите деновиве им се сервира уште еден пропаганден специјалитет од најнизок ранг. На огласна табла во јавната здравствена установа „Општа болница“ осамна фотомонтажа на која опозиционите политичари се претставени во фашистички униформи.


Раководството на Болницата најави истрага за инцидентот и информираше дека навредливата фотографија е симната од огласната табла.

Реагираше СДСМ, според која поставувањето на фотомонтажа на огласната табла  во административната зграда на Општата болница  на која раководството на СДСМ е претставено како маршира во нацистичка униформа е врвот на фашизоидната пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ и злоупотреба на јавните установи за партиска пропаганда.

Без ни малку срам, дрско и во препознатлив стил на ВМРО-ДПМНЕ,фотомонтажата е поставена на огласната табла која се наоѓа само на неколку метри од  канцеларијата на нивниот партиски кадар, директорот Љубен Арнаудов, изјави пратеникот на СДСМ Томе Чингоски.

Тој побара директорот на ЈЗО  – Општа болница веднаш да биде сменет од фукцијата, а доколку тоа не биде направено оставка треба да поднесе премиерот Никола Груевски.

Ова не е прв пат македонските политичари да се поистоветуваат со фашистичкиот режим. Фото и видео монтажи кружат на интернет во кои политичарите од власта и опозицијата се претставени како фашисти, а во медиумите се емитуваат  кампањи со дискредитирачка содржина во кои за жал неретко се злоупотребуваат и обичните граѓани.

OhridNews