Тренерот на АЗ Алкмар, Марко Ван Бастен, по тринеделна пауза поради болест, ќе се врати на клупата на овој холандски прволигаш, соопшти клубот.
Ван Бастен по медицински прегледи добил дозвола од лекарите да се врати на своето работно место.
Холандскиот стратег беше отсутен поради тахикардија, предизвикана од стресот кој го доживеал Ван Бастен по смртта на неговиот татко. Минатата недела медиумите пренесоа дека поради проблеми со срцето Ван Бастен ќе стави крај на тренерската кариера.
„Презадоволен сум од конечниот исход. Марко на сите ни соопшти дека по одморот ќе се врати на тренерското место“, рекол техничкиот директор на клубот Ернест Стјуарт.
АЗ Алкмар се наоѓа на 12-то место во холандското првенство, во минатото коло овој тим загуби на домашен терен од Херенвен.
„Макфакс“