Новиот менаџер на клупата на трофејниот англиски премиерлигаш Манчестер Јунајтед, Холанѓанецот Луј Ван Гал не го криеше своето разочарување по домашниот пораз во саботата од Свонси Сити (1-2) во првото коло од новата сезона.

Ван Гал во изјавата веднаш по завршувањето на натпреварот со Свонски, што е првиот пораз на Манчестер Јунајтед на отворање првенството по 42 години, истакна дека на неговиот тим му се „итно потребни засилувања во одбраната“.

„Не бевме на нивото како на подготвителните натпревари. Бевме лоши во одбраната, но и играта на целата екипа не беше добра. Не искористивме неколку добри можности по изедначувањето, и тоа беше нашата најголема грешка“, истакна Луј Ван Гал.

Холандскиот фудбалски стручњак нагласи дека му се потребни засилувања, во прв ред во одбраната. „Потребни ни се засилувања во одбраната, што веќе неколкупати го повторив. Не изгледавме како екипа и ова претставува големо разочарување. Ова беше лош ден за сите нас“, заклучи Ван Гал кој на клупата на манчестерските „црвени ѓаволи“ го замени Давид Мојес, кој си замина токму поради лошите резултати.

Манчестер Јунајтед овој летен преоден рок потроши 73 милиони евра на засилувања, а меѓу другите беа ангажирани напаѓачот од Саутемптон, Лук Шоу, и бекот на Атлетик Билбао, Андер Херера.

„Макфакс“