Несовесноста и самоволието се најголемиот проблем со кој се соочуваме како заедница, реагира Антонио Додевски од Планинската спасителна служба Охрид и АК „Патагонија“ по последните случување во НП Галичица каде несовесното одгледување на говеда резултира со уништување на поставената инфраструктура за посетителите и љубителите на природа.
Ваквото однесување на стопанот претставува вандализам. Дали некој со намера ќе ги искрши клупите и масите, ќе расфрла отпад во околината, ќе истури градежен шут или ако сакате ќе предизвика и пожар, е еднаков вандализам, како и несовесното одгледување кое предизвикува директна штета на поставената инфраструктура, но и многу поголем страничен ефект за посетителите, кои на крајот од денот, по платена влезница во Националниот парк, си одат разочарани од глетката. Заклучокот е дека паркот не си ја работи работата, иако ренџерите пред само 2-3 седмици, ги санираа летниковците, ја покосија тревата и го исчистија местото, вели Додески.

Доколку ваквото однесување на поединци остане неказнето, тоа само ќе охрабри други несовесни или криминогени структури да прават и поголеми штети. Наша обврска како граѓани е што погласно да реагираме и бараме од надлежните да ги санкционираат ваквите примери, само така ќе покажеме дека ја сакаме природата и нема да дозволиме своеволие, кое пред очи ќе ни ја одзема. Да не се плашиме само од пожарите, бидејќи и тие се резултат на вакво и слично самоволие и несовесност, треба отворено да им се спротиставиме на несовесните, додава Додевски.

До кога поединци континуирано ќе го уназадуваат и уништуваат НП Галичица. Крајно време е да се стави крај на ова самоволие, потенцира.
Н.С.Ј.














