Светски познатата британка и виртуоз на виолина, Ванеса Меј, ќе го отвори 59-то издание на фестивалот Охридско лето, најави денеска на прес конференција директорката на Националната установа Наташа Поповиќ.

Ќе имаме една незаборавна вечер со уметничка која го носи епитетот светско чудо. Убедена сум дека заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет ќе направат спектакуларен концерт. – истакна директорката Поповиќ.

Ванеса Меј нема посебни барања за престојот во Охрид, освен тие поврзани со нејзината лична безбедност, додаде Поповиќ.

За гостите учесници дирекцијата обезбеди туристички водич, а содржините кои ќе се изведуваат на Долни сарај ќе бидат на комплетно реновирана сцена, рече Поповиќ, најавувајќи дека фестивалот ќе продолжи да организира настани преку цела година.

Охридско лето од 12 јули до 20 август ќе понуди 45 содржини најавија селекторите на фестивалот.

Меѓу триесет и четирите концерти кои публиката ќе ги види годинава ќе биде настапот на најпознатите виолончелисти на светската сцена Русинот Денис Шаповалив, сопранистктата Инва Мула од Албанија која ќе настапи со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцкоски и со сопранот Дешира Карлиу, пијано дуото Гелебешеви, српскиот виолинист Стефан Миленковиќ, некогашното чудо од дете, ансамблот Дорицо од Италија и други. истакна Васко Ристов, селектор на музичката програма.

Во драмскиот дел како што најави во видео обраќањето селекторот Александар Поповски сериозно се размислува низ содржините да му се оддаде почит на починатиот драмски писател Горан Стефановски. Во таа насока се водат преговори во рамките на фестивалот да биде изведен неговиот текст „Црна Дупка“, но од дирекцијата рекоа дека засега ништо не е официјално.

Г.М.