Фудбалскиот клуб Вардар остана без лиценца за настап во квалификациите за пласман во фазата по групи во Лигата на Европа, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) не му ја даде потребната лиценца.

„Црвено црните“ ја обжалија првата одлука на ФФМ која остана доследна и не го промени ставот околу евро лиценца за најтрофејниот македонски клуб. Како причини се наведуваат финансиите кои се голем проблем за „вардарци“ после највата на Сергеј Самсоненко за заминување од клубот.

  • Нам ни беа исполнети сите критериуми за добивање на европска лиценца, со исклучок на финансиските, каде постоеја две точки. Првата беше да се исплатени сите долгови кон играчите, додека втората беше гаранција за нов договор за спонзорство, а тоа да не е Сергеј Самсоненко. Ние не сакавме да прифатиме такво нешто, затоа што Самсоненко е единствениот наш спонзор и не сакавме да прикажуваме било каква лажна слика. Не ја добивме лиценцата, иако тоа што се должи, се приведува кон самиот крај. Со оваа ситуација, губи целиот фудбал, не губи само Вардар. Жално е што нема да играме во Европа, затоа што се боревме цела сезона за тоа и тоа го заслужија пред се играчите. Наскоро ќе биде регулиран долгот на финансиски план, нема да кренеме раце и веднаш да се откажеме од лиценцата за место во Европа. – изјави Самоил Симев за „Гол.мк“.

Вардар е единствениот македонски клуб кој обезбедил пласман во фазата по групи во Лигата на Европа. „Вардарци“ дел од групната фаза беа минатата сезона кога го елиминираа турскиот гигант Фенербахче.

OhridNews