Охридските ракометари во Скопје против Вардар Јуниор им се враќаат на обврските во Супер лигата. Ракометарите ни криви ни должни одмараа минатото коло, откако Ракометниот клуб Борец кој беше противник на Охрид се откажа од понатамошното натпреварување и не допатува во СРЦ „Билјани Извори“.

Дуелот со Вардар Јуниор е последен за „гладијаторите“ на гостински терен оваа сезона. Се освен победа на Охрид ќе биде големо изненадување, но фаворитската улога ќе треба да се оправда и на теренот.

Мечот во СРЦ „Јане Сандански“ ќе започне во 15 часот и ќе биде најава за возбудувањата кои следуваат во 13-та рунда од Супер лигата. Мечот во Скопје ќе го водат Виктор Начевски од Скопје и битолчанецот Даниел Божиновски.

Во другите средби од Супер лигата ќе се сретнет Бутел Скопје – Пролет, Струга – Еурофарм Работник, Радовиш – Прилеп, додека мечот Борец – Пелистер е одложен.

OhridNews