Женскиот ракометен клуб Вардар в сабота во Скопје со почеток во 17:30 часот против составот на Мец ќе ги започне натпреварите од главната фаза во Лигата на Шампиони. „Вардарки“ пред стартот на втората етапа имаат осум бодови и се првопласирани во групата, додека ривалот кој доаѓа од Франција со шест бодови ја зазема втората позиција на табелата.

– Првиот натпревар ни е со Мец, кој е исто така фаворит за Ф4. Тие се многу добри, имаат многу добри играчи, во својот состав имаат и играчи што го освоија светското првенство. За нас ќе биде многу тежок натпревар, затоа што минатата сезона изгубивме таму. Но, сите наши играчи се во добра кондиција, имавме многу време за подготовка, и за анализа на противникот. Очекуваме поддршка од нашите навивачи и ќе дадеме сѐ од себе да победиме. – изјави тренерот на ЖРК Вардар, Ирина Дибирова.

Црногорската репрезентативка во редовите на Вардар, Јованка Радичевиќ смета дека екипата која ќе одигра подобра одбрана ќе се радува на победата и ќе ги освои бодовите.

– После малку подолга пауза почнуваме со главната фаза од Лигата на Шампионите, а целта е јасна, сакаме секој натпревар да го победиме. На почеток ни доаѓа екипа која на секоја позиција има по два одлични играчи, играчи кои освоија светско првенство. Но, подготвени сме. Го гледавме Мец и не ни недостига мотивација да направиме исчекор повеќе од лани. Верувам во својата екипа и дека клучот лежи во добра одбрана, и сигурна сум дека и нашите голмани Амандин Лејно и Ина Суслина ќе бидат одлични како и секогаш. Сигурна сум дека срцето ќе го оставиме на терен, пред сѐ во одбрана. Против нив е важно да имаме малку технички грешки, зашто се екипа која играат во сите можни зони. Верувам дека ќе ги освоиме двата бода и ќе си го олесниме четврт финалето. Посакувам во сабота да се повтори атмосферата каква што беше против Турингер и да почувствува Мец како е да се игра пред полни трибини. Ги повикувам навивачите да дојдат, да нѐ бодрат, зашто со нив е многу полесно да се стигне до победата. – истакна Радичевиќ.

„Црвено црните“ во прелиминарната фаза во ЛШ имаа стопроцентен ефект победувајќи на сите мечеви во групата, а дуелот со Мец ќе биде вистинска можност за испитување на силите.

OhridNews