Од денеска на нашиот електронски весник започнуваме со претставување на кандидатите за градоначалник на Охрид. Нивните интервјуа ќе ги објавуваме според нивниот број на гласачкото ливче утврден со ждребувањето во општинската изборна комисија. Серијата интервјуа ја отвараме со кандидатот на Нова Демократија, Васфи Доко, кој од првата позиција на гласачкото ливче ќе атакува на градоначалничката функција.

Васфи Доко е роден на 27.01 1960 година во Охрид. Основно и средно образование завршува во родниот град, а високо образование стекнува на факултетот за безбедност во Скопје. Магистер е по меѓународни односи, а очекува многу набрзо и да докторира. Доко е професор на државниот универзитет во Тетово.

OHRIDNEWS: Господине Доко, Вие сте кандидат за градоначалник на Охрид од Нова демократија, на господинот Имер Селмани. Кажете ни, што Ве поттикна да се вклучите во градоначалничката трка?

ДОКО: Мотивот е досегашното сивило на градоначалниците кои ги препознаваме по клишеата во нивното работење. Се кандидирав за да придонесам, општината да почне поинаку да размислува, дека освен таквите клишеа-инфраструктура, улици и осветлување, на градот му се потребни многу други работи. Сакам со моето кандидирање и со мојата програма да му дадам нов поттик односно нов дух на Охрид зашто градот  навистина го заслужува тоа.

OHRIDNEWS: Каков град имаат сега охриѓани според Вас, и за каков Охрид Вие ќе се залагате доколку ја освоите довербата на граѓаните?

ДОКО: Секако, ако ја освојам довербата на гласачите, но и доколку не ја освојам во огромен дел, ќе пратам една порака до охриѓани, без разлика на нивната етничка припадност- да го чувствуваат Охрид како свој град и да вложат огромни напори да го развиваат во европски град, од типот на Луксембург, Сан Марино и други.


OHRIDNEWS: Како ќе се претставите пред гласачкото тело за време на кампањата. Што конкретно ќе им понудите на охриѓани?

ДОКО: На 22 март се претседателските и локалните избори. Фактички почува една нова пролет за Охрид. Тоа е и мотото на  нашата партија. На Охрид му треба еден нов дух, нова свежина и однесување што ќе биде европско. Сведоци сме дека во последниве години доаѓа до израз урбанистичкиот невкус. Нема повеќе струење на воздухот. Гледаме дека од ден во ден исчезнува и насмевката кај луѓето зашто има голема невработеност. Мислам дека е крајно време да почнеме да ја развиваме малата и средната економија со некои предуслови, како на пример, да им овозможиме на нашите сограѓани кои живеат надвор, да  го вложат нивниот капитал овде, но и да ги мотивираме странските инвеститори  да дојдат во Охрид и да бидат еден вид економска инјекција. Нормално, Охрид се гордее со туризмот и во мојата програма ќе се залагам туризмот  да се развива преку целата година а не само во лето. Во мојата програма, освен летниот е застапен и конгресниот, руралниот, алтернативниот туризам…Доколку станам градоначалник, ќе изградам скијачки центар на планината Галичица каде што граѓаните и туристите ќе имаат можност да уживаат во ретките природни убавини.


OHRIDNEWS: Според Вас, каде е Охрид помеѓу останатите општини?

ДОКО: Охрид не е она што некогаш беше. Се сеќавам, кога бев мал, во Охрид доаѓаа многу туристи од Холандија и Германија. Имаше една агенција, се викаше „Есколете“ и секоја недела носеше разни групи туристи од Европа. Тие луѓе, всушност, беа најголемите мисионери и пропагатори за Охрид и кога ќе си одеа дома, кажуваа какви убавини има во Охрид.

Овде морам да нагласам дека неопходно е да изградиме хотелски капацитети по европски терк, капацитети кои ќе понудат палета услуги,а не само спиење, плажа, дома и толку. Ни требаат интересни работи во понудата, како на пример, изградба на аква-парк. Да ви кажам, пред три години бев во Анталија, Турција и во очи ми падна нешто многу интересно. Таму имаше голем број руски туристи и во деловите и објектите каде што одеа тие имаше натписи, освен на турски, и на руски јазик. Туристите се чувствуваа како дома. Зошто и ние да не им се посветиме на нашите гости од Албанија, Грција, Бугарија, Србија и Косово. Со таквиот однос и внимание на гостите можеме да им создадеме топол и пријатен амбиент, а тие да ни донесат и свои блиски луѓе на одмор во Охрид.

OHRIDNEWS: Каков е Вашиот став по однос на Законот за децентрализација? Како го оценувате овој закон?

ДОКО: Мислам дека единиците на локалната самоуправа се уште ги немаат сите потребни ингеренции и надлежности, но се надевам дека по овие избори ќе се спуштат уште повеќе надлежности од централно на локално ниво и општините ќе можат да работат под полна пареа.



OHRIDNEWS: Што ќе направите за да имаме поквалитетна и европски средена општина, како сервис на граѓаните?

ДОКО: Кога ќе дојде една политичка партија на власт става свои луѓе во општината без разлика дали се квалитетни и соодветни за работното место каде што се поставени. Ако бидам градоначалник, сигурно дека ќе ги променам таквите клишеа и стари манири на однесување. Нормално, ќе ги задржам квалитетните вработени, ама и ќе ги засилам  со нови луѓе кои ќе остваруваат резултати за време на мојот мандат.

OHRIDNEWS:Во предвечерието на изборите, се кршат најголемите копја во политичките партии околу урбанизацијата на Охрид. Вашиот став за сегашната состојба во урбанизмот и што Вие ќе направите да имаме урбан град кој, сепак, ќе си ја задржи и автентичноста?

ДОКО: Урбанистичката сфера ни е рак-рана во градот. Никако не смееме да ги фаворизираме високите и невкусни градби. Има многу места односно простори каде што треба да се шири градот. Едно од нив е и населбата „Чекоштина“ каде што со мали инфраструктурни зафати можеме да  ги мотивираме луѓето да живеат таму.  Така ќе се отвори нова перспектива за Охрид. Исто така, сакам да кажам дека во населбите Воска, Лескајца и такавиканата Тумба,  мора да се избалансира изградбата зашто кога доаѓаат туристи, не велат дека биле во Воска, туку дека биле во Охрид. Искрено, ми е жал што во тој дел од градот нема спортска сала, нема современа амбуланта, нема тревни површини на кејот од езерото. Тука има уште една неправда. Еден квадратен метар на станбените објекти чини околу 500-600 евра, а во другиот дел од градот цената на станбените објекти  достигнува и до 1 300 евра за метар квадратен. Значи, се создава нелојална конкуренција и се  стимулира развојот на другиот дел од градот. Јас ќе се ангажирам, тие  разлики да се минимизираат.


OHRIDNEWS: Кој е Васфи Доко во приватниот живот. Ова е простор, за да се претставите пред гласачкото тело…

ДОКО: Јас сум универзитетски професор, оженет, татко на три деца. Мојата најголема ќерка е еден од најдобрите студенти на Штуловиот универзитет и досега ги има сите десетки.Поголемиот син е матурант во струшката гимназија, а јас се счувствувам уште помлад со мојот најмал син кој има 3 и пол години. Инаку сум роден во Охрид. Овде го завршив основното образование. Учев средно во охридската гимназија, а во Скопје завршив факултет за безбедност. Магистер сум по меѓународни односи и очекувам многу набрзо и да докторирам. Исто така сум претседател и на фудбалскиот клуб „Воска“ веќе 6-7 години и сакам да напоменам дека за тоа време клубот нема добиено ниту еден денар од локалната самоуправа. Сепак се снаоѓаме и се трудиме младите да ги насочиме кон спортот. Во никој случај не смееме да ги препуштиме на  дрогата и другите пороци.

OHRIDNEWS: Не само за Охрид, туку и за целата држава е важно изборите да бидат фер и демократски. Вие доаѓате од демократска партија, па претпоставуваме го имате истото мислење?

ДОКО: Точно така. Фер и демократски избори-тоа е неминовно. Немаме друга алтернатива. Секоја друга алтернатива е регрес, враќање назад.

Ние мора да му овозможиме на секој граѓанин да гласа слободно, без притисоци. Еве, и од овде, упатувам апел до граѓаните без разлика на етникумот: гласот е еден на четири години и треба добро да размисат кому му го даваат. Не треба да се насочуваме кон девијации во гласањето. Да гласаме по сопствено убедување!


OHRIDNEWS: За крај, што освен ова  би им порачале на гласачите?

ДОКО: На граѓаните им порачувам 22 март да го сфатат како свечен ден, ден кога тие со своите семејства и пријатели ќе го дадат својот глас  таму каде што сметаат дека треба. Би кажал и дека  Партијата за Нова демократија на господинот Имер Селмани има една европска иднина-иднина што ќе им овозможи интелектуален, економски, културен спортски и секаков вид развој на сите граѓани подеднакво. Тоа и мене ми дава мотив. Ако бидам избран за градоначаник на Охрид, навистина ќе бидам градоначалник на сите граѓани со сето срце и битие!

OHRIDNEWS