Американецот со македонски пасош Дариус Вашингтон и центарот Предраг Самарџиски ќе му бидат на располагање на селекторот Марин Докузовски веднаш по враќањето на кошаркарските репрезентативци во Скопје, од подготовките во Охрид.


Самарџиски пристигна во Скопје, а по направените лекарски прегледи ќе ни биде појасна сликата за неговиот ангажман. Проблем имаме со него оти тој долго време беше надвор од тренажен процес и ќе ни треба време да се врати во посакуваната форма. Она што е сигурно е дека нема да сметаме на него на првите контроли – вели селекторот Докузовски.

Со неговото и со приклучувањето на Вашингтон полека се комплетира екипата, а деновиве се очекува да се знае точниот датум за приклучувањето и на Тодор Гечевски, кој доби дополнителни денови за одмор од селекторот. Листата на репрезентативци ќе биде скратена, а оптималната бројка со која ќе работи селекторот е 15-16 кошаркари.

М.П.