Еден од најголемите џез музичари на Балканот, Васил Хаџиманов, ќе биде специјален гостин на заедничкиот концерт на двајцата виртуози Влатко Стефановски и Стефан Миленковиќ, кој што ќе се одржи на 1ви август на Античкиот театар во Охрид, во рамките на фестивалот „Охридско Лето“.

Проектот кој што доживеа голем успех на премиерата во Белград, овој пат на промоцијата во Македонија, ќе биде зачинет и со гостувањето на исклучително талентираниот пијанист и композитор Васил Хаџиманов кој никого не остава рамнодушен.


Идејата за овој состав беше Стефан Миленковиќ да отсвири нешто што до сега не свирел: џез, етно, фјужн, помодерна музика невообичаена за него. Во Белград, Сава Центарот беше наполнет 3 пати и беа продадени над 10. 000 карти. На концертот во Охрид јас ќе бидам само специјален гостин кој во еден момент ќе влезе со заедничка изведба на помодерно аранжирана традиционална музика, каква што Влатко ја прави и во изведба на класична музика во модерен стил. Секогаш било одлично кога сум настапувал во Македонија и особено ми е драго што ќе бидам дел од овогодишното „Охридско лето“– вели Хаџиманов.

Концертот на Стефановски и Миленковиќ ќе се одржи на Антички театар во Охрид, а ќа започне во 21 часот. Влезниците по цена од 1000 денари можат да се набават во Скопје во Тобако Тугедр салоните, Цвеќара Розе Веро 2, на плоштадот во Охрид и на продажните места на МкТикетс.

OhridNews