Васил Јованов е прогласен за виновен и осуден на казна затвор од 12 години за смртта на Фросина Кулакова. Јованов, управувајќи автомобил од марката „Пежо“, ја прегази Кулакова на црвено, на обележан пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“, во близина на Силбо. Зад воланот беше без возачка дозвола и под дејство на алкохол.

Јованов, исто така, доби и забрана за управување на возило од Б категорија во времетраење од пет години. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.

Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, по изрекување на пресудата, извика „мафија“ и ја напушти судницата.

Дванаесет годишна казна е награда за вакво брутално убиство во сообраќајот. Ако го обвинувам Судот ќе го кажам тоа што ми беше прв впечаток кога влегов, а тоа е дека родителите на Васил беа релаксирани. Дали они ја знаеа казната? Во држава во која дилерите на дрога и немилосрдни убијци се прогласуваат за светци, спортисти, посветени студенти, а што очигледно најмалку наивно беше прифатено од судскиот систем, судијата, според казнениот систем, таква е срамна пресудата. Убиецот Васил и останатите тројца кои биле во автомобилот се светци, а небитен е животот на Фросина. Оваа пресуда е срамна и тажна за цело општество, рече Кулаков.

Бидејќи беше призната вина очекувана беше осудителна пресуда, рече адвокатот Сашко Дуковски, бранител на Васил Јованов.

Оваа пресуда во ваква висина не е во согласност со воспоставената судска пракса на територијата на Апелациониот суд во Скопје. Иста ваква сообраќајна незгода во 2019 година на истото тоа место на истиот пешачки премин само од другата страна е завршена со пресуда од 3,5 години. Во предметот во Велес, има еден прекршок повеќе од Васил, зошто се даде сторителот во бегство и два дена беше недостапен, правосилно заврши со 8 години. Само за тоа приговарам. Секако е трагичен настан, но не може од овој настан да се започнува со спроведување на нова казнена политика во Р. Македонија. Сметам дека судот не го ценеше во доволна мера искреното каење и личноста на сторителот. Казната е превисока, додаде Дуковски.

Беше посочено дека изречена е казна затвор која во историјата на овој суд за ова кривично дело, со една жртва почината, не била досега изречена. Сепак обвинителството го задржува правото на жалба и да бара и повисока казна затвор.

На Васил Јованов му беше продолжен притворот до правосилноста на пресудата.

Н.С.Ј.