Екипата од Националниот конзерваторски центар која во изминативе неколку месеци беше ангажирана да го истражи случајот и научно да докаже за каков феномен се работи, завршила со експертизата и го затвори случајот.Вистинскиот чистач на патината од зачадените фрески е зголемената кондензација и големото количество влага што се случи по генералното чистење на храмот пред Велигден, пишува дневниот весник „Вечер“.
– Дефинитивно е докажано дека ѕидовите во Свети Димитрија не се допрени со рака. Зачадените фрески не се исчистени со “сјај”, ниту со некои растворувачи. Вистинскиот чистач на патината од зачадените фрески е зголемената кондензација и големото количество влага што се случи по генералното чистење на храмот пред Велигден. Всушност, како и секоја година така и оваа, подот се трие и се чисти со плискање вода од кофи, која потоа испарува. Тоа предизвикало хемиска реакција на ѕидовите од која се исчистила патината и чадот од златната боја на фреските, вели изворот на ВЕЧЕР. Според неговото појаснување кондензацијата била зголемена и поради слабата циркулација на воздух околу црквата што се случува поради новите градби и заградените градилишта како и поради обилните дождови. Кога сето тоа ќе се собере заедно, тогаш е сосема јасно зошто “чудото” се појави во овој период и токму годинава, цитира вечер изјава на свој извор од конзерваторскиот центар кој работеше на случајот.
извор:„Вечер“