По традиција, веќе неколку години наназад, на фестивалот Охридско лето се одржува концерт со наслов „Вечер на ЕУ“ кој секогаш е поддржан од Европската унија. На овој концерт настапуваат уметници-претставници од земјата која во тој период е претседавач на Европската унија. Оваа година, со посебно задоволство, во програмата се вклучени уметници од Полска, виолинистот Јарослав Надржицки и пијанистака Јоана Затеј Вујчињска.


Јарослав Наджицки гради впечатлива кариера по бројните успешни настапи и освоени први награди на европските натпревари по виолина меѓу кои се „Виењавски“ (Полска), „Енеску“ (Романија), „Јаша Хајфец“ (Литванија), „Арам Хачатурјан“ (Ерменија), „Тибор Варга“ (Швајцарија), „Руџеро Ричи“ (Австрија), „Бенџамен Бритн“ (Велика Британија).  Концертот е поддржан од Амбасадата на Република Полска во Република Македонија. Во текот на утрешниот ден ќе се одржи прес-конференција со уметниците и со претставник од полската Амбасада, заменик амбасадорот Марта Пшењосло.

„Огромно е нашето задоволство што ќе дојдеме во Охрид ова лето и ќе бидеме дел од вашиот престижен фестивал. Голема чест ни е да ја претставуваме нашата земја за време на полското претседателство со Европската унија. Ова е прва наша посета на Македонија и со нетрпение го чекаме рециталот на 28-ми јули на кој ќе се претставиме со дела од Брамс, Ваксман и музика од големи полски композитори, имено, Виењавски и  Шимановски. Ова ќе биде еден несекојдневен настан за нас и се надеваме дека прекрасната македонска публика ќе ужива во изведбата, изјави Наджицки по повод гостувањето на фестивалот во Охрид.

Концертот ќе започне во 21 часот во црквата Света Софија.

OhridNews