Во рамки на вечерта на Европската унија на „Охридско лето“ сцената на катедралната црква „Света Софија“ е резервирана за концерот на францускиот гудачки квартет „Модиљани“ со виолинистите Амари Сојто и Лоик Рио, Лорaн Марфан на виола и Франсоа Кифер на виолончело.

Од 2008 година квартетот издава носачи на звук за издавачката куќа „Мираре“ и досега имаат издадено 13 ЦД-а. Во 2024 година, нивниот последен албум со музика од Григ и Сметана е позитивно примен од музичката критика: „Францускиот квартет „Модиљани“ ги оживува овие емотивно интензивни дела со енергија, мноштво на бои и сјајна страст“ („Рондо“- јануари 2024). Овој албум се наоѓа на листата најпродавани албуми од класичната сфера и им ја носи Наградата на Германската стручна критика. Во сезоната 2024/2025 квартетот „Модиљани“ е посветен на еден од најголемите потфати во нивната кариера, а тоа е снимањето на сите 16 гудачки квартети од Лудвиг ван Бетовен. Покрај тоа, во октомври минатата година остварија турнеја низ САД, а потоа и концерти во Хамбург, на биеналето на гудачки квартети во „Аудитори“ во Барселона, во Филхармониската сала во Стокхолм и на „Шубертијадата“ во Шварценберг.
Благодарение на поддршката на приватните спонзори членовите на „Модиљани“ свират на исклучителни инструменти изработени од италијански мајстори.
Концертот ќе се одржи со почеток во 21 часот.
OhridNews
					



							






