Младите и извонредно талентирани пијанисти, виолистот Тимоти Ридаут и пијанистот Франк Дупре беа вистинско изненадување за публиката на фестивалот „Охридско лето“ со концертот што го приредија вчеравечер во црквата „Света Софија“.
Тимоти Ридаут е еден од водечките млади солисти во Европа. Дел е од програмата на Би Би Си „Уметници на новата генерација“ од 2019 година и дел од уметничката програма на Линколн центарот во Њујорк од 2021 година. На фестивалот „Охридско лето“, тој уште еднаш потврди дека станува збор за млад уметник со светско реноме.
Акустиката е неверојатна во оваа прекрасна црква. Во еден таков волшебен амбиент свиревме дела од композитори кои повеќето живееле во времето на Советскиот сојуз, Италијанската свита за виола и пијано од Стравински, потоа сонатата за виола и пијано од Капустин која е инспирирана од џезот. Капустин бил виртуозен пијанист кој компонирал во џез стилот и ја напишал оваа впрочем тешка соната за виола. Ги изведовме двата ставови од Свитата од „Овод“ на Шостакович, која е поинаква од неговите други дела бидејќи ја напишал во периодот кога компонирал филмска музика. Вечерта ја завршивме со Свита од „Ромео и Јулија“ за виола и пијано оп. 64 од Прокофјев, рече британскиот виолист Тимоти Ридаут.

Јас и Тимоти свириме веќе седум години заедно, успешно соработуваме и забавно е да патуваме заедно низ светот, кажа Дупре.
OhridNews












