Жителите на охридското село Куратица и оваа година празникот на селото – Свети Василиј Велики го одбележуваат со голем карневал под маски. Денес е најавено главното дефиле под маски, како и забава со народна музика и огномет.

Овој карневал е живописна мешавина од архаична традиција, забава, музика и уникатни маски, која секоја година собира локално население и посетители од пошироко. Маскираните учесници, инспирирани од народните обичаи, секојдневниот живот и современите теми, ќе дефилираат низ селото, носејќи радост, боја и насмевки насекаде околу вас, велат од Месната заедница Куратица.

Василичарскиот карневал, посочуваат, е дел од традицијата на празнување на Свети Василиј Велики и Василица, кој според стариот календар се слави среде јануари.

Маскирањето има длабоки корени и има цел да ги „отстранува“ лошите духови, да носи среќа и добри желби за новата година. Во Куратица оваа традиција се негува со генерации – оригиналниот обичај почнува со посета на домаќинствата на маскираните учесници и продолжува со масовно маскенбалско дефиле, музика, прогласување на најкреативни маски и огномет, додаваат.

Воедно упатуваат покана до сите да дојдат и да ја доживеат неверојатна карневалска магија – традиција што оживува секоја година.

OhridNews