Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид вечерва со почеток од 20 часот концерт ќе одржи „Македонски Брас Квинтет“. На репертоарот ќе бидат обработки на македонски традиционални мелодии. Концертот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а влезот е бесплатен.
„Македонскиот Брас Квинтет“ е состав оформен во 2017 година како иницијатива за музицирање во најпознатиот формат за камерна музика за лимените инструменти.
Во составот членуваат: Драган Младеноски – труба (прва труба во Македонската филхармонија , долгогодишен член на Биг Бендот на МРТВ како и активен соработник на видни музички имиња како Кирил Џајковски и др.)
Aлександар Златески – труба (прва труба во Национална опера и балет, долгогодишен член на Градскиот оркестар Скопје и на Биг Бендот на МРТВ)
Антонио Костевски – хорна (прв хорнист на Национална опера и балет, поранешен прв хорнист на Софиската опера, како и постојан соработник на оркестарот ФАМЕС)
Димче Белчовски – тромбон (прв тромбон во Македонската филхармонија , доцент на Факултетот за музичка уметност-Скопје и професор по тромбон и туба во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“)
Мицко Дамњановски – туба (тубист во националната опера и балет, Хонорарен соработник во Македонската филхармонија, оркестарот на Црна Гора, ФАМЕС и др.
Во својата кратка, но богата историја, составот бележи повеќе настапи, од кои позначајни се : концертите во Њујорк во 2018 и 2019 година, концертот во Истанбул во 2021, во Софија,Бугарија во 2022, во Италија во 2023 и Париз 2024 повторно во Италија во 2025 година итн. Серијата концерти во Берово (Музеј на Берово), Кочани (Дом на Културата „Бели Мугри“) и Скопје (Мала Сала на Филхармонија), Штип, Неготино, Куманово итн. Репертоарот на Македонскиот Брас Квинтет се движе низ различни музички жанрови, од самба до филмска музика и од традиционална македонска народна музика до џез. Покрај концертите, квинтетот остварува и едукативни дружења, со цел запознавање и доближување на лимените инструменти до публиката.
OhridNews