– Среќен сум и возбуден што ќе настапувам во Охрид, особено на фестивалот за кој многу сум слушал прекрасни зборови. Да се настапи во црквата Света Софија сметам дека е сонот на секој уметник. Воодушевен сум од градот кој вчера имавме можност да го разгледаме, изјави Бронци.
Бронци и Сперандо ќе изведат, како што рекоја класичен репертоар, дела од Шуман, Дебиси и Брамс.
Пред да ја почне солистичката кариера, Енрико Бронци повеќе години бил челист во Триото „Парма“ со кое има остварено бројни концерти во престижните светски концертни сали и натпревари за камерна музика, добивајќи и награда од италијанската музичка критика. Како солист, активно настапува од 2001 година и освојува први награди на натпреварите „Ростропович“ во Париз и „Паоло“ во Хелсинки. Бронци има остварено повеќе снимки од кои се издвојуваат 12 концерти на Бокерини и Баховите суити.
Франческа Сперандео, по успесите на бројни национални и меѓународни натпревари за соло пијано и камерна музика активно настапува како пијано соработник со бројни истакнати солисти и како член на Триото „Операченто“. Франческа Сперандео го продолжува своето усовршување на бројни мастер класи за камерна музика водени од истакнати камерни музичари. Таа е постојан пијано соработник во класата за виолончело на Летната академија на универзитетот „Моцартеум“ во Салцбург.