Со концерти на кои ќе настапат рап-дуото „Пука козметика“, „Влатко Лозаноски бенд“ и „Брас брадрс“, вечерва почнува традиционалниот „Вевчански карневал 2026“ во Вевчани. На сцената вечерва ќе настапи и бендот од Белгија „Ла Мурга Армада“ кој има цел репертоар тесно поврзан со почитување на карневалите.

Карневалските активности започнуваат уште неколку недели или дури месеци пред празникот, кога се подготвуваат маските, костимите и сценаријата. Кулминацијата се случува на 13 и 14 јануари, кога василичарските групи од различните маала излегуваат на улиците на Вевчани. Секоја поворка има свој ред, свој начин на движење и свои симболи.
Посетата на куќите е еден од најважните обичаи, при што домаќините со радост ги пречекуваат зетот, нестата, василичарите, и музичарите. Овој чин симболизира гостопримство, желба за благосостојба и заштита на домот во годината што следи.
А ноќта на 13ти спроти 14ти се оди на вода, на Вевчанските Извори. Тука на Василичарите им се придружуваат домаќинките кои носат литургија, котле и ќиска со босилек, дрен и Василичарски, врзана со црвен конец. Полнат вода, прскаат со ќиската и бакнуваат на литургијата, со што посакуваат здравје и бериќет на своите во новата година. Наредниот ден, со таа вода се прави “кашаник”, пита печена под сач во која се става една паричка.

Маските се силно средство за комуникација и критика. Секоја маска е одраз на настаните, појавите и проблемите кои ја обележале изминатата година. Тие секогаш се инспирирани од настани и појави што ја одбележале изминатата година, што му дава на карневалот улога на жив хроничар на времето.
На 13 јануари вечерта на програмата е народна музика, каде ќе настапат Благоја Грујовски, Влатко и Златко Миладиновски со оркестарот и за на крај на вечерта Оркестар со зурли и тапани од Вевчани, Перо Бели и групата „Вип“ кои традиционално ќе ги испратат карневалците на изворите.
Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.
OhridNews











