Обожавателите и почитувачите на музиката на Владо Јаневски вечерва ќе се соберат на платото пред арената „Борис Трајковски“ во чест на музичката легенда да му оддадат последна почит. Настанот, кој започнува во 20 часот, го организира „Прагма продукција“.

Нека неговите песни одекнат уште еднаш, нека светлината од свеќите биде нашето „благодарам”, а нашето присуство доказ дека големите уметници никогаш не се забораваат. Ги повикуваме сите што го сакаа, и растеа со неговата музика да ни се придружат. Да го испратиме достоинствено. Со песна. Со тишина. Со љубов. Затоа што легендите никогаш не умираат. Тие засекогаш остануваат во срцата на својот народ, велат од продукцијата „Прагма“.

Од Авалон Продукција претходно информираа дека последното збогум со еден од најпопуларните македонски поп-пејачи, автор на бројни безвременски хитови и првиот претставник на Македонија на Евровизија 1998, ќе биде утре, 1 јули, во периодот од 10 до 11 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел.

Владо Јаневски почина по кусо боледување во Скопје, а зад себе остави богата и успешна кариера што ќе продолжи да живее преку генерациите што растеа со неговата музика.

Со повеќедецениска кариера, Јаневски остави длабока трага во македонската забавна музика. Неговите песни, меѓу кои „Црно тиквешко“, „Некогаш и негде“, „Евергрин“, „Не зори, зоро“, „Ако не те сакам“, „Еден бакнеж“ и многу други, станаа дел од музичката меморија на неколку генерации и редовно се изведуваа на концерти низ земјата и регионот.

OhridNews