Стотици дечиња ќе бидат дел од Бадниковата поворка што по традиција ќе се одржи на Бадник, 6 јануари, ден пред големиот христијански празник Божиќ во Охрид. На одржаната работилница беа изработени ѕвездички кои ќе ги носат дечињата во раце како симбол на Витлеемската ѕвезда којашто им го покажала патот на мудреците до пештерата.

Оваа година имаме новост што како предводници во поворката ќе бидат млади талентирани музичари со флејти и виолини кои изразија желба да бидат присутни. Тие ќе ја предводат поворката и ќе ги придружуваат децата со песната Вечниот Бог. Во поворката и оваа година ќе учествува Ѓоко Танески, а за првпат годинава и членовите на фестивалот „Распеано Рибарче“, вели Летка Филипова, регионален координатор на Бадниковите поворки.
Покрај поворката во Охрид, поворки ќе има и во Трпејца, Елшани, Пештани, Велгошти, Лескоец, Оровник, Дебрца во Требениште и Мешеишта, како и во Струга и околните села, Мислешево и Дрслајца.
Овие две години практикуваме во превечерието на Бадник деца со мали пештерчиња во помали групи да одат од дом на дом, од куќа на куќа пеејќи ја „Вечниот Бог“ со цел да се искорени паганската песна „Коледе, леде, паднало греде“ во која нема никаква суштинска порака, за разлика од „Вечниот Бог“ којашто го раскажува целиот настан што се случувал во Витлеем за раѓањето на Исус Христос. Денеска имаме прием кај нашиот митрополит Георгиј каде дел од дечињата од поворката ќе бидат присутни. Оваа група вечерва околку 19 часот ќе биде во Охрид Мол за да ја пренесеме и таму празничната атмосфера во духот на Бадник. Да ја пренесеме радоста, да ги потсетиме луѓето дека следува големиот празник – Христовото Раѓање, потенцира Филипова.
Традиционално поворката завршува на градскиот плоштад во 12 часот каде што е поставена Божиќната пештера, а дечињата ќе бидат пречекани од градоначалникот Кирил Пецаков и дарувани.
Н.С.Ј.












