Поминаа точно осум месеци откако пламените јазици ја проголтаа индивидуалната куќа на охридското семејство Шемо, сместена на улицата „Бистрица“ во населбата Воска.

Без никаква помош од институциите и државата, ова семејство кое се наоѓа во особено тешка социјална положба, тврди дека се уште не ја добила ветената финансиска помош за санација на штетите, одобрена со одлука на Советот при општина Охрид уште во месец февруари.

Помина многу време откако објектот е опожарен. Моментално тешко се снаоѓаме, а никој воопшто не ни помогна. Од општината, непосредно по пожарот дојдоа и ветија, но ништо од тоа. Не добивме ниту социјална помош. Навистина не знам што прави државата вака.“ – вели Асиме Шемо.

Таа потенцира дека условите во кои сега живеат се исклучително тешки, стравувајќи како оваа зима ќе се справат со студот и временските неприлики.

Ставивме само кровна конструкција, откако син ми зеде кредит. Не знаеме како ќе го исплатиме. Куќата целосно ја заложивме. Видете внатре како ќе се живее. Дува од секаде, нема ни основни хигиенски услови ниту тоалет. Немаме набавено ниту дрва за оваа зима. Ова воошто не доликува на денешницава во 21-ви век. Ниту во последниов период никој не не посети. Само ја завртуваат главата. Барем една шајка да ставеа. Не знаеме зошто само нас не ни помогнаа откако куќата е опожарена. Можеби затоа што сме Турци. Надлежните за едни се поп, а за други владика.“ – потенцира Шемо.

Ова охридско семејство, чии членови имаат здравствени проблеми, својот егзистенцијален проблем го решаваат од ден за ден. Како што објаснува Асиме Шемо, нејзината пензија не стигнува ниту за лек.

Јас сум стар човек. Од каде да најдам пари за му помогнам на син ми. Целата пензија што ја земам, само за таблети не ми стигнуваат. Еве видете сами, тука се сите рецепти. Доживеав инфаркт, имав проблем и со очите. А пред мене куќата тече и пропаѓа. Сега ќе дојдат да си ги наплатат борџовите, бидејќи немаме платено за струја и вода. Но и јас сум душа, уште таа ми остана. И јас сакам да можам да јадам секој ден. Нека дојде некој од тие надлежни, еден ден нека помине во опожарените простории. Да видат дали може човек тука да живее или не.“ – објаснува Асиме Шемо.

Семејството се надева дека локалната самоуправа ќе вложи напори за да изнајде решение, со кое ќе стави крај на голготата која Шемо ја живеат веќе осум месеци.

Неодамна, охридските советниците расправаа за извештајот и дополнувањето на извештајот за опожарувањето на домовите на неколку охридски семејства во текот на 2013-та, а од локалната  најавија дека е формиран тим кој излегол на увид и во наредниот период ќе следи и исплата на парите за санирање на штетите.

Станува збор за наследен проблем од минатата локална власт, кога оштетените семејства добиле уверување дека домовите ќе им бидат санирани, но потоа се утврди дека не добиле ниту денар од ветените средства од локалната самоуправа. Ние формиравме тим кој излезе на увид и во наредниот период ќе следи и исплата на парите за санирање на штетите.“ – најави неодамна секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Инаку, пожарот во кој целосно изгоре семејната куќа на семејството Шемо се случи на 16-ти февруари оваа година

О.Т.