Веднаш пред црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во старото охридско јадро, пред некогашното училиште „Св. Климент Охридски“, вековниот кочеџик претставува свидетел на охридскиот непокор и опстојување. Ова дрво кое се наоѓа пред денешната зграда на Дебарско – кичевската епархија, е засадено во далечната 1886-та година во чест на првоучителот Методиј.

Според еден од најголемите познавачи на животот во стариот дел на градот, Владо Ангеличин Жура, кочеџикот кај старите охриѓани бил познат како светиметодиево дрво или свето дрво, поради тоа што е засадно по повод 1000-годишнината од упокојувањето на Св. Методиј.

При засадувањето на дрвото, охридскиот даскал Никола Исаија Чудо испеал песна:

„Цел ден те баравме тебе,
одвај те најдовме,
тука ќе те засадиме со вода ќе те полеваме,
те засадивме со надеж чувствата да ни ги распламтиш,
како очите ќе те чуваме,
вечно ќе се сеќаваме за споменот илјдалетен на јубилејот од Методиј!“.

Овој текст беше врежан на мермерната плоча поставена во 1986-та година, во чест на 1100-годишнината од смртта на првоучителот и 100-годишнината од засадувањето на кочеџикот.“ – вели еден од најреномираните генолози во поширокиот регион, Владо Ангеличин Жура.

Дадената заклетва врежана во мермерната плоча, денес сведочи за несовесноста на граѓаните. Споменичкото обележје со поемата на Светите Кирил и Методиј поставено под кочеџикот кој е заштитен со Закон, е делумно искршено, а граѓаните од старото охридско јадро се надеваат дека ова обележје ќе биде санирано по повод 1150 годишнината од моравската мисија на словенските просветители.

Обележјето денес сведочи за нешто сосем друго, освен респект кон Светите Кирил и Методиј кои се почитувани во Источната православна црква како светци, со титулата еднакви со апостолите. Во 1880-та година, Папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980, Јован Павле Втори ги прогласил за ко-патрони на Европа, а каде сме ние….?!“ – вели жител од стариот град.

За разлика од Македонија, во земјите од западна Европа повеќе се почитува делото на сесловенските просветители.

Годинава Европа прославува 1150 години од моравската мисија и во таа чест пушта во промет монета со вредност од 2 евра со ликот на Константин/Кирил и Методиј, а ние мртви-ладни гледаме уништена плоча поставена како завет да го чуваме споменот нивни. Потребно е надлежните во пресрет на празникот, да преземат соодветни мерки за обновување на плочата.“ – велат охриѓани.

Исто така, граѓаните реагираат дека местото околу овој вековен споменик е претворено во депонија од отпадоци.

Порано постарите жени се береа под кочаџикот на кафе-муабет, седнати на убави черџиња. Во моментов, овој простор е претворен во депонија од ѓубре и смет. Едни велат дека за тоа надлежна е општината, а други црквата. Како и да е, редно е да се уреди овој парк.“ – вели жителка од стариот дел на градот.

Охриѓани се надеваат дека до 24-ти мај, петок, надлежните ќе излезат на терен и ќе ги преземат соодветните мерки за санација на спомен-обележјето посветено на светите браќа Кирил и Методиј.

Oливер Трајчески
Фото: ЖураЗаЖура