Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, упати јавен повик до опозицијата да се врати во собраниските клупи и да се приклучи во работата на Парламентот бидејќи, како што истакна, не е убаво во Собранието да нема опозиција.
„Сè што е во моја надлежност ќе направам за да се вратат. Ќе ја искористам секоја можност за јавно да ги повикам да се вратат во Собрание”, нагласи Вељановски.
Тој на средбата со новинарите истакна дека верува оти ќе се смени одлуката на најголемата опозициска партија СДСМ, и дека пратениците кои го добиле мандатот ќе дојдат во Собранието.
Вељаноски најави дека најдоцна до 26 мај ќе ја закаже првата пленарна седница на која треба да се донесат одлуки за бројот на потпретседатели, за формирање работни тела.
„Еден потпретседател се избира од редовите на опозициската партија која во Собранието има најголем број пратеници, а тоа во случајот е СДСМ. Потоа, Комисијата за избор и именувања ќе може да закаже седница и да го предложи персоналниот состав, односно да донесе предлози за претседатели и членови на комисиите и другите собраниски тела. Работата на Собранието не смее да биде закочена, но првин треба да видиме што ќе се случи и дали опозициските пратеници ќе поднесат оставки или не”, рече Вељаноски.
Собранието со двотретинско мнозинство на пратениците може да им го одземе мандатот доколку шест месеци во континуитет не доаѓаат на работа.
Доколку, пак, пратениците од СДСМ поднесат оставки, тој е должен за тоа да ја извести Државната изборна комисија.
OhridNews
извор: Макфакс