Првиот човек на Собранието Трајко Вељаноски во интервју за Voice of America, говорејќи за одржувањето на предвремените парламентарни избори изјави дека кога четворицата лидери го ставиле потписот на Договорот во Пржино, веројатно имале предвид дека 24-ти април е изводлив датум за одржување предвремени избори.
„Гледаме дека одредени тајминзи може да се поместуваат, но не се толку невозможни за да завршат сите работи и да имаме квалитетни избори, за да може Македонија потоа да одговори на сите предизвици“, коментира Вељаноски.
Според него, актуелната политичка криза има свое влијание и во политичкиот и економскиот дел, но врз севкупната политика во регионот. Вељаноски во интервјуто за VOA вели дека Македонија што е можно побргу треба да добие стабилна влада со оглед на кризата со бегалците која се очекува напролет да се интензивира.
„Најбитно по мене е да се дојде до едно решение, кое ќе биде признато од сите фактори во политичката борба која претстои, за да може да имаме избори чии резултатите ќе бидат признати од сите политички партии“, оцени првиот парламентарец.
Запрашан дали е можно пролонгирање на изборите на 24-ти април, под било кое сценарио, тој додава дека „се е можно, доколку тоа се договори“.
„Се е можно, ако се договори. Но, не е пожелно ниту прикладно, затоа што непочитување на еден договор, остава простор за непочитување на сите идни понатамошни договори. А непочитување е и датумот кој е договорен и ставен е потписот од четворицата лидери на политички партии“, нагласува претседателот на македонското Собрание во интервјуто за VOA.
OhridNews
Извор:„Макфакс“