Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, утрово, го потпиша Решението за распишување предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 5 јуни.
„Врз основа на моите уставни и законски надлежности, согласно Одлуката за  распуштање на Собранието на Република Македонија, денес го потпишав Решението за распишување предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат на 5 јуни 2016 година. Решението за распишување на изборите го доставив до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, до Министерството за правда и Министерството за надворешни работи“, соопштија од Кабинетот на Вељаноски.

„Верувам дека сите субјекти вклучени во изборниот процес ќе придонесат изборите да поминат во мирна и демократска атмосфера и дека секој од нас на 5 јуни ќе го оствари своето право да гласа, односно да ја даде својата доверба на оние политички субјекти во кои верува дека ќе можат да остварат стабилна сегашност и подобра иднина“, наведува Вељаноски во соопштението.