Потпретседателот на Социјалдемократска унија (СДУ) и носител на Советничка листа Веле Митаноски, денеска на тематска прес конференција, се осврна на прашањето на фискалната децентрализација.

“Корпусот прашања од суштинското развластување на ресорните министерства во Владата на Република Македонија, посебно во делот на урбанизацијата на просторот, образованието, културата и слично, се “алфа и омега” во работата на секоја локална самоуправа и необјасниво е зошто политичките субјекти – учесници во изборите во Охрид, беагаат од нив, а се фокусираат на, со ништо непоткрепени приказни за замислени капитални зафати, во кои, всушност локалната и нема некоја попрецизна надлежност”, потенцираше Веле Митаноски.


Веле Митаноски

Митаноски најави дека уште оваа пролет, Советот на општина Охрид, ќе биде фокусот на локалната ренесанса, дотолку повеќе што нашата локалната самоуправа во Охрид, не влезе во втората фаза од фискалната децентрализација, а за што има спротивставени мислења кај политичките субјекти.

“Јас се согласувам дека можеби имало и политички опструкции, мегутоа исто така знам за низа конкретни слабости. Го читав Извештајот на Државниот ревизор и носам убедување дека дел од причините, лежат во несоодветното менаџирање на процесите на урбанизацијата и фискалната децентрализација, односно оспособувањето на кадри за финасиски менаџмент, посебно во делот на креирањето на буџетот и собирањето на даноците” смета Митаноски.

Митаноски, пренесе акценти од неговата Програма, кои укажуваат на поголема самостојност на општините, односно, како што рече, потребата локалната власт да постане рамнотежа на централната.

“Ние не се откажуваме од ставот – градежното земјиште да премине во надлежност на општините. Зафаќњето на општините во делот на ДДВ-то, од сегашните 1 мора да се покачи за некој процент. Кај персоналниот данок , од сегашните 3,1 да се оди на 20 посто, односно сооднос: 80:20 во корист на централната власт. Како илустрација Митаноски ги наведе Словенија – со процент од 35 посто за локалните власти, во Бугарија – 50 посто и тн.

Локалната власт не може да има само одговорност, а не и овластувања. Таа треба да добие право и самата да пропишува даноци, во Охрид, на пример еколошки данок.

“Ако тоа не се промени, ние ќе останеме најцентрализираната земја во светот. Кај нас, од една страна имаме рекорден централен буџет. Годинава близу 3 милијарди евра. Но делот за општините е помал од 10 посто, за разлика од една Чешка, со 59, или да речеме Данска со дурио 65 посто. Жално е да се констатира, но сепак ние сме на дното во оваа сфера, зад Албанија, Србија, БиХ, па дури и Косово”, вели Митаноски.

Веле Митаноски, се осврна и на такавиканите блок трансакции, односно префрлањето на средства од централниот на општинските буџети. “Нема сомнение дека тука се чувствува долгата рака на политичката партија на власт. Дека има селективност, закинување на “туѓите”, односно фаворизирање на “своите”. Тоа мора да престане, зашто политизацијата и децентралиазијата не одат рака под рака”, истакна Веле Митаноски.