Ноќеска во два часот по полноќ, 46-годишен велешанец, со чекан ги нападнал соседите кои живееле веднаш до неговата куќа. Еден од нападнатите починал, а другите со повреди се во болница, информираат од СВР Велес. По нападот, се вратил дома и на фејсбук објавил статус „ги убив своите монструми“.
Според првичните информации на полицијата, четириесет и шестгодишниот велешанец со чекан во рацете влетал во домот на соседите и ги нападнал неговиот прв сосед, неговата сопруга и ќерката. Братот и снаата на домаќинот кои живееле во иста куќа, слушнале викотници и веднаш дотрчале да помогнат. Но, напаѓачот ги нападнал и нив. Домаќинот им подлегнал на повредите, неговата сопруга со тешки повреди е пренесена во ургентниот центар во Скопје, а ќерката, неговиот брат и снаата се префрлени во хируршкото одделение во Велес.
Мотивот за убиството го утврдува Обвинителството, а според првичните информации имало соседски недоразбирања. Тој е приведен и најверојатно ќе му биде одреден притвор.