Традиционално по повод Велигденските празиници, Ротаракт Клубот од Охрид, водејќи се од принципите на социјалната и општествена одговорност и желбата на еден симболичен начин да искаже внимание и да ги честита Велигденските празници на штитениците во Геријатриското одделение во Охридската болница и оваа година ја спроведе акцијата “Подари внимание – подари Велигденско јајце”.
Ротаракт Клубот Охрид во изминатите неколку денови ги поттикна граѓаните и посетителите на Охрид да донираат Велигденски јајца во кошничка која за таа цел беше приготвена и поставена во кафе “Ликвид”. Собраните Велигденски јајца денеска утрово беа подарени на згрижените лица во Геријатрија.
-Преку нашата посета беа пренесени искренитете желби и празнични честитки на сите кои дадоа придонес и директно се вклучија во овој настан. Задоволството беше огромно во текот на овие празнични денови да им се посвети внимание на луѓето за кои оваа скромна акција има огромно значење и вредност, нешто што може да се види во нивниот поглед кога срдечно и благодарно ќе го земат Вашиот Велигденски подарок.-велат од Ротаракт клубот.
По повод Велигден, Геријатриското одделение при општата болница во Охрид го посетија и членовите на женскиот центар „Бисера“. Тие на згрижените стари лица им поделија велигденски јајца и домашни специјалитети подготвени од членките на здружението.